Претходна статија
Вера Ќосевска лауреат на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2014 година
Следна статија
Реконструкција на објект без енергетски пасош - казна од 3.000 евра

Жерновски: ДУП-овите во Центар се нелегално донесени

Објавено на 26.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#И по вчерашната одлука на Уставниот суд дека нема надлежност да дава оценка за донесените урбанистички планови „Тасино чешмиче“ и „Капиштец – Водно“, градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски опстојува на досегашното мислење. Тој тврди дека спорните урбанистички планови се нелегално донесени. „Не може ниеден судија да објасни или оправда како нечии 11 гласа имаат поголема тежина од нечии други 11 гласа“, истакнува во изјава за медиумите Жерновски. Тој надополни дека со ваквата одлука Уставниот суд се вклучи во изградбата на десеткатниот објект во подножјето на Водно.

 

Градоначалникот Жерновски додаде дека судот нуди трагикомични објаснувања со образложението дека неговата иницијатива можело да се разгледува само од аспект на Законот за просторно и урбанистичко планирање. „Тоа е тешко замајување на јавноста, и вчера и денеска проверувавме низа одлуки на Уставниот суд донесени така што биле третирани и закони како Законот за град Скопје, Законот за заштита на Охридското езеро, на пример“, напоменува првиот човек на општина Центар.

 

Уставниот суд вчера објави дека ја отфрла иницијативата за преиспитување на уставноста и законитоста на изгласаните урбанистички планови „Тасино чешмиче“ и „Капиштец – Водно“. Според нивното објаснување, поднесената иницијатива била неоснована и неоправдана. Советот на општина Центар изминатово лето гласаше за донесувањето на проблематичните урбанистички планови со 11 гласови „за“ од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, идентичен број советници од СДСМ гласаа „против“, додека претседателот Мирослав Шиповиќ гласаше „воздржано“.