Жителите на скопската општина Шуто Оризари ќе добијат чиста и безбедна вода за пиење со обезбедените 242 милиони денари или околу 4 милиони евра за изградба на водоводната мрежа. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и градоначалникот на општина Шуто Оризари Елвис Бајрам денеска потпишаа договор за финансирање на овој инфраструктурен проект што ќе обезбеди питка вода за над 22.000 жители. Реализацијата на градежните работи треба да започне кон крајот на претстојната пролет.
Во финансирањето на изградбата ќе учествуваат Градот Скопје (40 отсто), јавното претпријатие „Водовод и канализација“ (40 отсто) и општина Шуто Оризари (20 отсто). Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека средствата за новиот водоснабдителен систем се обезбедени со кредит од Светска банка со исклучително поволна каматна стапка, со грејс период од три години и рок на отплата од 13 години. Проектот предвидува изградба на резервоар со капацитет за 4.350 метри кубни вода, пумпна станица и цевковод во должина од 2,3 километри.