Претходна статија
Бројот на патници во авиосообраќајот се зголемил за 18,1%
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Прошетка низ тажната судбина на главниот град на Јужен Судан

Нема промени во меѓународниот возен ред на возовите за 2015 година

Објавено на 20.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наспроти првичните информации за воведување на втор меѓународен воз на релацијата Скопје – Солун, и по 14 декември ќе остане да сообраќа единствено експресниот воз „Хелас експрес“ на релација Белград – Скопје – Солун и обратно. Поаѓањето од македонската метропола кон Солун и понатаму ќе биде во 5 часот наутро, но затоа пак возниот ред предвидува поаѓањето од овој грчки град да биде во 18:30 часот. Оваа промена ќе им овозможи на македонските граѓани да ги завршат своите обврски во Солун и да се вратат назад во нашата земја во текот на денот. На релацијата од Скопје кон Белград и понатаму ќе сообраќаат два пара експресни возови, со тоа што вечерниот воз ќе поаѓа од Скопје околу 22 часот.

 

* Возот „Хелас експрес“ на железничката станица во Солун, фото: Бојан Блажевски

 

 

Според информациите на дел од унгарските медиуми, со новиот возен ред за 2015 година ќе се воведе директен кушет вагон на релација Скопје – Будимпешта – Скопје, кој ќе го обезбеди Македонски железници – Транспорт. Оваа врска со унгарската метропола ќе се воспостави со утринскиот воз од македонскиот главен град до Белград, а истиот би го продолжил патувањето со ноќниот експресен воз „Београд“. Еднаш неделно во текот на наредното лето ќе сообраќа и унгарски кушен вагон на релација Будимпешта – Белград – Скопје – Солун и обратно. Во 2015 година ќе се реализира и врската кон  Приштина, со еден пар возови дневно.

 

Меѓународниот возен ред за 2015 година на европскиот континент нуди нови поволности за патување на македонските граѓани од Белград. Кон Љубљана и Загреб ќе сообраќаат два пара возови – утрински и вечерен, кон Будимпешта ќе има три пара возови, а се воведува и укинатиот експресен воз Белград – Букурешт. Наместо до Прага, експресниот воз „Авала“ наредната година ќе сообраќа од Белград до Виена. Со одлука на Руските државни железници, од новиот возен ред за 2015 година укинати се сите возови кон Европа што досега минуваа низ територијата на Украина. Со ваквиот потег, директните врски од Москва кон Белград и Софија изостануваат во текот на наредната година. Истовремено, повеќе европски железнички управи се одлучија драстично да го намалат бројот на ноќните меѓународни возови, за сметка на дневните врски меѓу поголемите градови.

 

 

Бојан Блажевски