Реконструираниот дел од штипската Филтер станица денеска беше свечено пуштен во употреба. Овој инфраструктурен објект ја прима водата од хидросистемот „Злетовица“, со што се обезбедуваат неопходните количества питка вода за градот. Во проектот беа вложени околу 900 илјади евра, и тоа преку кредит од Јапонската агенција за меѓународна соработка „Џајка“ (JICA – Japan International Cooperation Agency) и со донација од словенечката влада за обезбедување на неопходната опрема. Со заокружувањето на реконструкцијата на филтер – станицата, најголемиот град од источниот дел на земјава ќе добива околу 500.000 метри кубни вода во текот на еден месец.
Со реализацијата на овој проект трајно се реши проблемот со водоснабдувањето на градот, а Штип стана главен корисник на водата за пиење од хидросистемот „Злетовица“. На денешната свеченост присуствуваа заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ване Костадиновски, државниот секретар за европски прашања Јован Андоновски, штипскиот градоначалник Илчо Захариев и словенечкиот амбасадор Бранко Раковец.