Претходна статија
Се планира санација на дел од кејот на Вардар во центарот на Скопје
Следна статија
Владата ќе го гради споменикот на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“?

Ќе се утврдува потенцијалот на површинскиот коп „Брод – Гнеотино“

Објавено на 17.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За детално да се осознаат резервите на јаглен во површинскиот коп „Брод – Гнеотино“, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) одлучи да го ангажира Градежниот институт „Македонија“ за реализација на геолошки и геотехнички доистражувања. Ова наоѓалиште обезбедува јаглен за РЕК „Битола“ и е клучно за натамошното непречено функционирање на најголемиот енергетски објект во земјава. Проектантскиот надзор врз планираните истражувања ќе го врши фирмата „Геохидроинженеринг“ од Скопје. За попрецизно определување на потенцијалните резерви на јаглен се издвоени 251 милиони денари или околу 4 милиони евра.

 

Геолошките и геотехничките истражувања на површинскиот коп „Брод – Гнеотино“ ќе се одвиваат во временски период од 20 месеци. Пред повеќе од две години, ЕЛЕМ инвестираше 18,6 милиони евра во транспортен систем за јаглен од овој површински коп до рудникот Суводол, во должина од 10 километри. Тогашните најави беа дека рудникот Суводол и новиот јагленокоп „Брод – Гнеотино“ имаат доволно енергетско богатство за непречено функционирање на РЕК „Битола“ во наредните 25 до 30 години.