Локалната самоуправа од Неготино објави оглас за лицитација на осум градежни парцели за изградба на објекти од лесната индустрија, стоваришта и индивидуални куќи. На инвеститорите им се нудат седум локации со површина од 4.300 до 18.245 метри квадратни што се наоѓаат во рамките на стопанскиот комплекс во градот, како и плац наменет за објект за индивидуално домување. Вкупната површина на земјиштето на продажба изнесува 80.027 метри квадратни. Почетната цена на електронското јавно наддавање за сите градежни парцели е 61 денари за метар квадратен, со исклучок на локацијата за изградба на куќа, која што се продава по 373 денари за метар квадратен.
Потенцијалните купувачи треба да ги достават своите пријави за учество најдоцна до 16 декември, а наддавањето ќе се спроведе на 22 декември. Предвиден е рок од девет месеци по солемнизацијата на договорот за обезбедување одобрение за градење , односно 12 месеци за парцелите поголеми од 5.000 метри квадратни.