Екипите на градежната компанија „Жикол“ од Струмица забрзано работат на изведбата на фекалната канализација од општините Аеродром и Кисела Вода кон идната елитна населба „Сончев град“ и населеното место Сопиште. Во моментов тече изградбата на фекален колектор на крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Видео Смилевски Бато“, каде што денеска увид во досега реализираното извршија министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалничката на Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќ.
* Извор на фотографија: Град Скопје
„Колекторскиот систем ќе се протега од реката Вардар па се до населбата Сончев град и ќе ги поврзе општините Сопиште, Кисела Вода и Аеродром. Се работи за мрежа од 13 километри, инвестиција во висина од 5 милиони евра кои дел ќе се обезбедат од буџетот на Министерството за транспорт и врски, а дел преку Програмата за рурален развој“ изјави министерот за транспорт. Предвидено е овој инфраструктурен објект да опслужува околу 130.000 жители во населените места што гравитираат кон него.
Фекална канализација ќе се гради од населеното место Сопиште низ Припор по улицата „Христо Татарчев“ до крстосницата на булеварите „Србија“ и „Борис Трајковски“ во должина од 3.835 метри. Втората линија ќе се движи од Сопиште по регионалниот пат Р302, низ населбата Усје кон постоечкиот колектор во Горно Лисиче со вкупна должина од 7.000 метри, додека третиот дел со должина од околу 2 километри се протега по дел од булеварот „Србија“. Крајниот рок за изведба на проектот е 18 месеци.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска најави дека Градот изработил проект за продолжување на фекалниот колектор по должината на булеварот „АСНОМ“, од булеварот „Србија“ до препумпната станица. Тој дополни дека во моментов се избира проектант за колекторски систем на територијата на главниот град, со вкупна должина од 90 километри.