Претходна статија
Град Скопје и догодина ќе финансира фасади, фонтани и плоштади
Следна статија
Опаднал бројот на предвидени станови за градење во септември

„Барокен“ објект кај Македонската опера и балет ќе гради и АДСДП

Објавено на 06.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со изградба на нова зграда за државни институции од владиниот проект „Скопје 2014“ целосно ќе се опколи зданието на Македонската опера и балет. Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор (АДСДП) ќе гради административен објект на зелената површина, веднаш до идното здание на Народната банка и во линија со веќе изградениот објект на Министерството за надворешни работи. Според објавените податоци на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, веќе е завршен Конкурсот за избор на идејно решение за овој проект, на кој биле доставени само два труда од страна на македонските архитекти.

 

 

 

На Конкурсот не е избран првонаграден труд, но втората награда во вредност од 200.000 денари му е доделена на архитектонското дело на Жарко Жаушевски, автор на голем дел од објектите што веќе се градат или пак се реконструираат во рамки на проектот „Скопје 2014“. Истовремено, склучен е авторски договор со Андријана Савиќ за откуп во износ од 30.000 денари, кој претставува авторски надомест за пренесување на правото на сопственост и правото на користење на архитектонското решение на АДСДП. Како следен чекор во постапката за изградба на „барокниот“ објект, предвидено е да се распише оглас за избор на субјект што ќе го изработи основниот проект.

 

Во согласност со впишаните податоци во урбанистичкиот план „Мал Ринг“, новата зграда наменета за државните институции ќе се состои од приземје, седум ката и поткровје, со максимална висина од 29 метри. Зданието е предвидено да има бруто развиена површина од 10.179 метри квадратни, додека истото ќе се гради на градежна парцела со големина 1.547 метри квадратни.

 

 

Бојан Блажевски