Претходна статија
Проектот за пречистителна станица во Прилеп на добар колосек
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Реконструкцијата на скопската железничка станица е во полн ек

Каска ли постапката за легализација на дивоградбите?

Објавено на 02.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Според последните податоци, досега се легализирани 105.706 објекти од вкупно околу 360 илјади барања што ги поднеле македонските граѓани. Пред два и пол месеци, од Министерството за транспорт и врски истапија со информација дека целокупната постапка е завршена за околу 100 илјади предмети. Споредбата на податоците од надлежното министерство говори дека сите македонски општини во изминативе два до три месеци успеале да го заокружат процесот на легализација за околу шест илјади предмети. Ако се земе во предвид крајниот рок за комплетирање на обемниот проект (септември 2017 година), останува прашањето како би можело истиот да се заврши во пропишаниот рок со сегашното темпо на работа на локалните самоуправи, но и со ажурноста на граѓаните во делот на поднесување на геодетските елаборати.

 

 

 

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска од Прилеп порача дека за навремено завршување на постапката за легализација на дивоградбите се одговорни локалните самоуправи. Тој рече дека ресорното министерство секојдневно го мониторира процесот на легализација на бесправно изградените објекти и вложува напори да им се помогне на граѓаните. „Морам да нагласам дека Владата донесе законски измени со цел да им помогнеме на социјално ранливите семејства бесплатно да им изготвиме геодетски елаборати за и тие да можат да ги почувствуваат бенефитите од овој процес“, изјави министерот и додаде дека досега се поднесени околу 900 барања за изработка на геодетски елаборати од оваа категорија на граѓани, од кои 300 се веќе готови.

 

Наспроти социјално ранливите семејства, останатите граѓани ќе треба сами да се снајдат со доставувањето на геодетските елаборати. Од надлежното министерство потсетуваат дека рокот нивно поднесување до општините е 31 декември 2015 година.