Претходна статија
Пет нови инвеститори купија земјиште во Илинден
Следна статија
Земјиштето во индустриските развојни зони ќе се приватизира

Основниот проект за Универзална сала добива втора шанса

Објавено на 27.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неуспешниот обид за избор на проектант на почетокот од мај годинава, Министерството за култура денеска го публикуваше вториот оглас за пронаоѓање на субјект што би го изработил основниот проект за новиот објект на Универзална сала во Скопје. Проектантските услуги е проценето дека ќе чинат 21.186.441 денари или околу 340.000 евра, без вклучен ДДВ. Неопходната документација пред почетокот на градење на идното здание би се изработила за осум месеци, во периодот по потпишувањето на договорот со најповолниот понудувач. Заинтересираните субјекти ќе треба да ги достават своите понуди најдоцна до 11 декември, за кога е закажано и нивното јавно отворање.

 

 

 

Со новиот оглас за изготвување на основниот проект, неизвесно е кога би почнала изградбата на замисленото јајцевидно здание, на местото на постоечката зграда на Универзална сала во центарот на Скопје. По комплетирањето на проектната документација, ќе се пристапи кон распишување на избор на градежна компанија што ќе ги извршува изведбените активности. Најпрво ќе треба да се сруши постоечката донација на Бугарија од периодот по скопскиот земјотрес, а дури потоа да стартува изградбата на планираната зграда.

 

Замислениот мултифункционален објект на Универзална сала ќе се состои од две сали: голема сала со капацитет од 2.500 до 3.000 седишта и мала сала за помали камерни изведби со капацитет од 200 до 300 седишта. Во негови рамки, е предвиден и административен простор за управата на оваа културна установа. Идејното решение за новиот објект на Универзалната сала го изработи студиото „Стоун Дизајн“ од Скопје, врз основа од резултатите на архитектонскиот конкурс кој финишираше во декември 2013 година.

 

 

Бојан Блажевски