Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) објави Јавен повик за доделување на Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во Република Македонија за 2014 година. На повикот можат да учествуваат сите архитекти со завршено високо образование. Заинтересираните автори треба да ја достават неопходната документација до канцелариите на ААМ, на улица „Даме Груев“ 14а Скопје, во периодот до 21 ноември. Петчлена жири – комисија составена од афирмирани архитекти ќе ги селектира, оценува и ќе донесе одлука за добитникот на наградата за најуспешно реализирано архитектонско дело за тековната година.
Покровител на наградата е Претседателот на Република Македонија, а нејзин спонзор е Македонската авторска агенција. Големата годишна награда на ААМ на лауреатот му ја доделува Претседателот на Република Македонија, во Музејот на град Скопје, кон крајот на месец декември.