Претходна статија
Државата бара инвеститори за откупни пунктови за земјоделски производи во Пехчево
Следна статија
Битола ќе се грее на парно најдоцна до 2017 година

Се најде инвеститор и за „барокната“ зграда на Македонски железници

Објавено на 22.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владиниот проект „Скопје 2014“ се повеќе излегува од границите на урбанистичкиите планови „Мал Ринг“ и „Голем Ринг“ и се проширува кон периферијата на централното градско подрачје. МЖ – Инфраструктура обелодени дека на третиот повик за изградба на деловна зграда за ова јавно претпријатие пристигнала една понуда од заинтересиран приватен инвеститор, потег по кој би следело потпишувањето на договорот за јавно – приватно партнерство. Од МЖ – Инфраструктура се подготвени да ја препуштат сопственоста на градежната парцела на која се наоѓаат сегашните бараки на претпријатието на улицата „Јордан Мијалков“ и поголем дел од идниот објект, при што за возврат би добиле сопствени простории со површина од 2.701 метри квадратни.

 


* Бараките на чие место треба да се гради „барокниот“ објект на МЖ-Инфраструктура

 

 

„Фирмата која се пријавила на јавниот повик доставила банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 50.000 евра и банкарска гаранција за изградба на објектот во износ од 100.000 евра. Приватниот инвеститор пред почетокот на изградбата ќе треба да изработи идејно решение во стил на барокот, класицизмот или неокласицизмот, што ќе треба да биде одобрено од комисија на МЖ – Инфраструктура“, се наведува во денешното соопштение на ова јавно претпријатие. Оттаму не објаснуваат од каде произлегува нивната стручност во избор на архитектонски трудови, ниту пак ги обелоденуваат членовите на комисијата што ќе го избере финалниот надворешен изглед на деловната зграда.

 

Градежната парцела на која ќе се гради планираната деловна зграда е со површина 3.179 метри квадратни, на која е зацртано да се подигне здание со максимална висина од 25 метри, со приземје и шест ката. Покрај деловни простории, идниот сопственик во зградата ќе може да смести и хотел, трговски центар или угостителски објект, и тоа до 40% од нејзината вкупна површина. Во текот на изведбата на деловниот објект, инвеститорот ќе биде должен да обезбеди 500 метри квадратни деловни простории на сопствен трошок во некој објект на територијата на општина Центар.

 

МЖ – Инфраструктура има расфрлано објекти во нејзина сопственост на неколку ударни локации во централното градско подрачје, кои го нагрдуваат ликот на македонската метропола. На локацијата спроти седиштето на „Макпетрол“ се сместени магацинските простории на некогашната железничка станица, кои заедно со непосредната околина претставуваат целосно неурбанизиран простор. Во идентична состојба се наоѓа трошната зграда на ова претпријатие во Паркот на новинарите во населбата Капиштец, а урнатини на земјиштето на ова претпријатие има и во населбата Мичурин, покрај Транспортниот центар.

 

 

Бојан Блажевски