Претходна статија
Консултант ќе работи на проектот за пругата Крива Паланка - Деве Баир
Следна статија
Изградбата на ХЕ „Бошков мост“ ставена под знак прашање

„Кермес“ една деценија лута низ градителските лавиринти

Објавено на 21.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Речиси една деценија по најавената изградба на новиот објект „Кермес“, од Градскиот парк одекнува единствено мирисот од јавниот тоалет и расфрланото ѓубре што се наоѓаат во и околу оградениот простор спроти бараките на Град Скопје. Наместо да го разубавува централниот парк во македонската метропола, оваа руина во моментов е сврталиште на сомнителни лица и голема канта за фрлање отпадоци од страна на несовесните граѓани. Разрешница за горливиот проблем и по неколку години од почетокот на изградбата на објектот во 2006 година не е пронајдена.

 

Во деталниот урбанистички план за Градскиот парк овој објект е вметнат како бесправно изградено здание, со што автоматски е стопирана било каква интервенција од страна на инвеститорот – австриската компанија „Гофи“. Иако „Билд“ побара информации од Општина Центар не добивме никакви сознанија за тоа каква судбина ќе доживее зданието што долги години се наоѓа во фаза на градба. Како дел од опциите што можат да ја разрешат ситуацијата е менување на постоечкиот урбанистички план и повторно вметнување на маркичката за градење на објектот. Втората можност е дефинитивно рушење на она што досега е изградено, но притоа градежното земјиште ќе остане во сопственост на инвеститорот, кој истото го купи во текот на 2004 година.

 

#Наспроти молкот од Општина Центар, градските власти креваат раце од каква било инволвираност во овој проект. „Град Скопје нема надлежности во регулирање на градежната документација и не може никако да помогне во решавањето на проблемот со објектот во изградба „Кермес“. Општина Центар и инвеститорот треба што поскоро да изнајдат решение за овој објект“ велат за „Билд“ од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Според испратениот допис до Општина Центар од страна на Управата за заштита на културното наследство, објектот „Кермес“ нема никаква историска вредност веќе две години со што е надмината пречката за повторно доделување на одобрение за негова изградба.

 

Како ќе се одвива развојот на работите околу овој девастиран простор во Градскиот парк останува допрва да се види, но она што може да се забележи е дека на оваа локација и е потребна институција што барем редовно ќе ја одржува хигиената до склучувањето на некаков договор помеѓу Општина Центар и инвеститорот.

 

 

Бојан Блажевски