На примамливата парцела на која во моментов се наоѓа зелениот градски пазар во Охрид ќе се гради нова зграда со административен, деловен и трговски простор. Општина Охрид денеска по втор пат го распиша огласот за изградба на планираниот објект со подземен паркинг, приземје и три ката со бруто развиена површина од 6.779 метри квадратни. Иако тендерот е објавен од страна на локалната самоуправа, во идниот објект во кој ќе се смести новиот затворен пазар ќе инвестира приватна компанија. Јавниот партнер, по спроведената електронска аукција како последна фаза во отворената постапка, договорот ќе му го додели на оној приватен партнер кој понудил најголема квадратура на вториот кат од објектот наменета за општина Охрид.
Од локалната самоуправа засега не ги соопштуваат причините за пропаѓање на првиот оглас што беше публикуван на почетокот од јуни годинава. Она што се знае од објавените информации на веб – страницата на Бирото за јавни набавки е дека проценетата вредност на објектот е заокружена на 203.059.346 денари или околу 3,3 милиони евра, без вклучен ДДВ. Изградбата на идниот објект ќе се одвива во временски период од 18 месеци, кој ќе отпочне да тече по финалното потпишување на договорот со приватниот партнер.
Во согласност со изработената физибилити – студија, градот ќе добие нов градски пазар на приземјето од планираниот објект, со 192 тезги што ќе се простираат на површина од 1.230 метри квадратни. Приватниот инвеститор ќе добие деловни простории од 341,5 метри квадратни на приземјето на објектот, како и целокупните простории на останатите катови, со исклучок на вториот кат каде општина Охрид треба да добие минимум 713 метри квадратни. Во рамките на идното здание ќе се наоѓа и подземен паркинг со капацитет од 150 возила. Приватната компанија што ќе го гради зацртаниот објект ќе биде позната на 10 ноември, за кога е предвидено да се отворат пристигнатите понуди.
Бојан Блажевски