Претходна статија
„Кермес“ една деценија лута низ градителските лавиринти
Следна статија
Македонија позајмува 52 милиони евра за рехабилитација на патишта

Изградбата на ХЕ „Бошков мост“ ставена под знак прашање

Објавено на 21.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Македонските еколошки организации сметаат дека мора да се пролонгира најавената изградба на хидроелектраната „Бошков мост“ поради пробивање на рокот на важност на изготвената анализа за нејзиното влијание врз животната средина во Националниот парк „Маврово“. Од „Еко свест“ и од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ информираат дека деновиве оствариле средба со директорите од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои им соопштиле дека банката бара дополнителни анализи пред да се отпочне со изградба на енергетскиот објект. ЕБОР во наредниот период ќе изготви нова студија за економската исплатливост на хидроелектраната, која според последните проценки треба за двојно да ја надмине првично проектираната сума за нејзина изградба.

 

Од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска излегоа со реакција на ваквите тврдења. Оттаму наведуваат дека компанијата презела низа активности во насока на оценка на влијанието на овој енергетски објект врз животната средина, меѓу кои и Студијата за оценка на влијанието врз животната средина. „Сите предвидени активности се одвиваат со предвидената динамика во согласност со домашната регулатива и правилата на ЕБОР. Во текот на 2012 и 2013 година завршен е едногодишен еколошки мониторинг на територијата на идната електрана со кој се предвидени и усвоени дополнителни мерки за заштита и минимизирање на несаканите последици од проектот“, се наведува во соопштението на ЕЛЕМ.

 

Во периодот од 9 април до 5 септември 2014 година, македонските еколошки организации собраа речиси 100.000 потписи на електронската петиција против изградбата на енергетските проекти „Бошков мост“ и „Луково поле“ во рамките на Националниот парк „Маврово“. Македонските и странските граѓани кои се потпишаа на петицијата се заложија за зачувување на еден од најстарите национални паркови во Европа и за спасување на домот на балканскиот рис. По завршувањето на електронската петиција беше испратено писмо до македонскиот премиер Никола Груевски, во кое се бара консултација со Меѓународната унија за зачувување природата и јавни расправи за претстојниот Закон за репрогласување на Националниот парк „Маврово“.

 

 

Бојан Блажевски