Претходна статија
Догодина ќе почне изградбата на новиот објект на Народната банка
Следна статија
Doka ги подига параметрите за квалитет на глобалното градежништво

Археолошкиот музеј ќе ги отвори портите на 18 октомври

Објавено на 14.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По повеќе од 30 години, Република Македонија ќе добие адекватен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство, кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори. Новиот објект на Археолошкиот музеј [»мапа] ќе се промовира на 18 октомври. Во музејското здание ќе бидат изложени највредните примероци од нашето културно наследство, информираат за „Билд“ од Министерството за култура. На изложбениот простор на три ката, распространет на површина од 6.000 метри квадратни, ќе бидат претставени повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди, започнувајќи од праисторијата па сè до средниот век.

 

 

 

„Од огромна важност е што значаен дел од овие артефакти, меѓу кои и рановизантиските оригинални мозаици од локалитетот Суводол, копијата на саркофагот на Александар Македонски, штитот од III век пр.н.е. од локалитетот Бонче, реконструкцијата на римската кочија од втор век од Делчево, како и стаклената чаша дијатрета од IV век, за прв пат и ексклузивно ќе бидат презентирани пред јавноста. Во поставка ќе бидат изложени златните маски од Охрид, како и колекцијата на ексклузивни златни наоди од Неготино“ истакнуваат од Министерството за култура. Музејската установа ќе се состои од неколку оддели, меѓу кои и: одделите за праисториска археологија, античка и средновековна археологија, кабинет за нумизматика, лапидариум, антрополошка поставка и уште неколку други изненадувања.

 

Археолошкиот музеј, освен со богатата археолошка поставка, опремен е и со стаклени витрини, 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видео – анимации, амбиентални ситуации, мозаици од вредното македонско културно наследство, а застапена е и реконструкција на објекти од неолитот во рамките на музејските простории. Во новото музејско здание е вградена најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика, кои ќе треба да ја раскажуваат милениумската култура и историја на нашата земја. На неколку дена пред предвиденото отворање, во просториите на Археолошкиот музеј привршуваат работите околу ентериерното уредување на археолошката поставка.

 

Објектот со приземје, седум ката и поткровје со вкупна површина од 13.510 метри квадратни започна да се гради кон крајот на 2009 година, по изработениот проект од страна на архитектот Слободан Живковски и „Етапа Проект“. Целокупната изградба на зданието чинеше нешто над 35 милиони евра. Покрај Археолошкиот музеј, во него се сместени Уставниот суд и Државниот архив. Просториите на овие две државни институции беа пуштени во употреба во септември 2013 година.

 

 

Бојан Блажевски