Претходна статија
Дупките од „Партизанска“ ќе почекаат на реконструкција
Следна статија
Активно се работи на реконструкција на киното „Кисела Вода“

ФОТО ВЕСТ: Внимание! Кејот на Вардар – градилиште или шеталиште?

Објавено на 12.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Именката „кеј“ во дигиталниот Речник на македонски јазик е објаснета како „соѕидан брег на регулирана река со шеталиште“. Во реалноста, Кејот на реката Вардар денеска претставува најпрво паркиралиште, потоа сообраќајница, место за фрлање ѓубре и окупиран простор од бројните кафулиња и ресторани. Суштинската функција на просторот – шеталиште за граѓаните не важи за овој дел од централното градско подрачје. Една прошетка по Кејот „13 Ноември“ е доволна за да се забележат дупките и уништените плочки на шеталиштето, расфрленото ѓубре, украдените канти за отпадоци, уништените клупи, распосланите маси и столчиња на сите страни, и се разбира, задолжителните тараби за оградување на градилиштето што го нема.

 

Најголем проблем за минувачите претставуваат непрописно паркираните возила долж целиот кеј, како и надземната улица која го поврзува паркингот на зградата на Телеком со мостот „Слобода“. Од секојдневното движење на автомобилите, целосно е уништена поплочената површина, која не успеа да издржи ниту една деценија од претходната темелна реконструкција на целокупниот простор. Од најавената изградба на надземната улица долж кејот засега нема ништо, додека за санационен зафат на шеталиштето ќе треба да се чека на завршување на градежните работи на објектите од проектот „Скопје 2014“.

 

Градот Скопје и Општината Центар си ја префрлаат одговорноста едни на други за актуелната состојба во која се наоѓа Кејот „13 Ноември“. Од Општина Центар за „Билд“ велат дека целиот овој потег од централното градско подрачје е во надлежност на Градот Скопје, од каде што треба да се бараат информации за состојбата во која се наоѓа просторот. Градската власт пак напоменува дека Кејот на Вардар ќе се реконструира од двете страни по завршувањето на градежните активности кои се одвиваат во моментов.

 

И покрај ваквата најава, од Градот Скопје се оградуваат за уредувањето на некои делови од шеталиштето. „Што се однесува до времената сообраќајница и урбаната опрема, која е поставена на пешачкиот дел, тоа не е во надлежност на Град Скопје“, истакнуваат од Секторот за поддршка на градоначалникот. И додека вината за девастираниот простор се префрла од една на друга институција, останува на граѓаните да внимаваат како се движат долж Кејот на реката Вардар.

 

Текст: Бојан Блажевски
Фото: Бојан Блажевски

 

###

###

###

###

###