Претходна статија
Реконструкцијата на пругата кон Бељаковце ќе доцни цела година
Следна статија
До март 2016 ќе се обучат 1.000 работници за енергетска ефикасност

Старите автобуси ќе се повлекуваат од употреба

Објавено на 08.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од 1 април 2015 година лиценци за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз ќе можат да добијат само превозници кои поседуваат возила со најмалку ЕУРО 2 еколошки стандард, предвидуваат измените на Законот за превоз во патниот сообраќај што Владата ги усвои на последната седница. Ова практично значи дека автотранспортните компании ќе треба целосно да ги исфрлат од сообраќај автобусите стари по неколку децении, кои и понатаму редовно се движат на македонските патишта.

 

 

 

Министерот за економија Беким Незири на денешната прес конференција изјави дека по барање на здруженијата на превозници, со новите законски измени ќе се овозможи увоз на автобуси и минибуси што ги задоволуваат ЕУРО 3 стандардите. „Сите транспортни фирми ќе може да увезуваат автобуси со ЕУРО 3 стандарди, со што ЕУРО 2 и ЕУРО 1 заминуваат во историја. Сметаме дека со воведување на ваква мерка бројката од 348 автобуси со ЕУРО 2 стандард за шест месеци до 1 година ќе се намали, а бројката на автобуси со ЕУРО 3, која моментално изнесува 131, да се зголеми“ рече Незири.

 

Со законските измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, туристичките агенции, во рок од три месеци од усвојувањето, ќе мора да се поврзат на електронскиот систем на автобуските станици и да резервираат карти по електронски пат. Покрај во овој закон, следуваат измени во Законот за јавни патишта, со кои ќе се воведат санкции за превозниците кои ги кршат наплатните рампи на патарините, за што е предвидено трајно одземање на возилото и глоба од 500 евра.