Долгогодишните најави за изградба на нова градинка во скопската населба Капиштец стануваат реалност. Општина Центар започна со изведбата на новиот современ објект на градинката „Кочо Рацин“ [»мапа], кој се гради на местото на некогашните дотраени бараки на оваа предшколска образовна установа. Локалната власт информира дека се работи за објект со 2.677 метри квадратни бруто или 2.155 метри квадратни нето површина, со осум занимални, три јасли, централна кујна, амфитеатар и свечена сала, во кој ќе можат да се згрижат 180 деца. Дворот на градинката ќе биде хортикултурно уреден, а ќе биде набавена и нова опрема за занималните.
Во објектот ќе се имплементираат задолжителните мерки за енергетска ефикасност, за звучна заштита на просториите и за заштита од пожар. Изведувач на градежните работи е компанијата „Гранит“ од Скопје, на која ќе и бидат исплатени 112 милиони денари (1,8 милиони евра), обезбедени од буџетот на општина Центар. Изградбата на новата градинка ќе биде завршена до наредното лето.
Новата зграда на градинката „Кочо Рацин“ е прв објект за оваа намена што се гради во централното градско подрачје на Скопје по цели 40 години. Општина Центар за последен пат подигнала градинка во 1974 година, кога е завршена изградбата на градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“. Старите бараки за сместување на децата од градинката во Капиштец биле изведени во 1964 година и ниту еднаш во нивната историја не биле санирани.