Претходна статија
Четири реновирани дуќани за занаети во Старата скопска чаршија
Следна статија
Уште еден „барокен“ хотел ќе се гради под скопското Кале

Струмица подготвено го дочекува зонското паркирање

Објавено на 30.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Зонско паркирање во СтрумицаСе финализираат активностите за воведување на зонско паркирање во Струмица. На седница на општинскиот совет е усвоен неопходниот правилник за работа на јавните паркиралишта, а Ј.П. „Паркиралишта“ веќе ја избра фирмата „Некстсенс“ од Скопје за имплементација на системот за зонско паркирање и наплата на паркинг во градот. Проектот предвидува Струмица да биде поделена на две паркинг зони, при што црвената зона ќе ги опфати булеварите „Маршал Тито“ и „Ленинова“ долж строгиот центар на градот. Цената на паркирањето во првата „А“ зона ќе изнесува 30 денари за еден час, додека во втората жолта зона услугата ќе чини 20 денари за еден час.

 

Вкупниот број на паркинг места во двете зони изнесува 756, од кои 22 се наменети за лицата со посебни потреби и 28 за такси возилата. Со зонското паркирање нема да бидат опфатени оние граѓани кои живеат во првата зона, но ако имаат второ возило, за негово паркирање ќе треба да плаќаат 300 денари месечно. Сопствениците на деловни објекти ќе треба да одвојат по 1.000 денари за едно возило во текот на месецот, а максималниот број на возила што ќе можат да ги паркираат е три. Граѓаните ќе можат да ја уплатат услугата по пат на СМС-порака или преку грепки што ќе се продаваат на повеќе локации во градот.

 

Зонското паркирање во Струмица ќе почне да се применува од средината на октомври годинава. Работното време на јавните паркинзи ќе биде од 7 до 21 часот, и во сабота од 7 до 17 часот. Во недела и за време на празничните денови граѓаните ќе паркираат бесплатно. Од струмичкото јавно претпријатие за имплементација на системот за зонско паркирање издвоија 9.322.000 денари (околу 150 илјади евра).