Претходна статија
„Адора Инженеринг“ ќе гради Дом за стари лица во Илинден
Следна статија
Кредит од 71 милион долари за реконструкција на патишта

И во 21-от век цели македонски општини немаат изградено водовод!

Објавено на 24.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Иако се наоѓаат во планински средини со богат воден потенцијал и обезбедуваат вода за поголемите населени места, за жителите на општините Липково и Зајас водата за пиење претставува горлив проблем до денешен ден. Наместо водоснабдителен систем, секое село и фамилија се снаоѓа на различен начин за да обезбеди питка вода во текот на целата година. И додека астронаути и волонтери од разни делови на светот се подготвуваат за своето патување до Марс и за населувањето на оваа планета во 2023 година, во Македонија денеска беше направен пионерскиот чекор за изградба на регионален водоснабдителен систем на Липково.

 

* Падините на Бистра далечни за жителите на општина Зајас

 

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Липково Садула Дураку свечено ги отпочнаа градежните работи на третата фаза за изградба на првиот и на третиот крак од проектот за водоснабдителен систем во Липково. Активностите на градежната механизација следуваат по потпишувањето на договорот за изведба на водоводниот систем со фирмата „Вардарградба“ од скопското село Трубарево. Од државниот буџет за оваа намена се одвоени финансиски средства во износ од 58.381.065 денари (околу 940 илјади евра). Од надлежното министерство се надеваат дека жителите на населените места од општина Липково ќе добијат вода за пиење во рок од 16 месеци и притоа додаваат дека од регионалниот систем корист ќе имаат и локалните самоуправи од Куманово и од скопско Арачиново.

 

Покрај за жителите на Липково, питката вода за пиење од регионален водовод ќе постане секојдневие и во општина Зајас. За изведба на втората фаза од неопходната инфраструктурна мрежа веќе е потпишан договор во вредност од 58.999.995 денари (околу 950 илјади евра) со фирмата „Исени Компани“ од кичевското село Стрелци. Со двата проекти на Министерството за животна средина и просторно планирање се очекува решавање на повеќедеценискиот проблем за обезбедување на локалното население со вода за пиење.

 

 

Бојан Блажевски