Советот на Град Скопје и општинските совети од земјава ќе одлучуваат за надворешниот изглед на веќе изградените објекти. Наместо досегашната можност да изберат фасада на некое здание во централното градско подрачје, во иднина би имале таква моќ за било кој објект лоциран на територијата на нивната општина кој е веќе ставен во употреба, но и за оние за кои е предвидена надградба или доградба. Овие промени ги носат новите предлози за измени и дополнувања на Законот за градење, кој денеска се најде на прво читање на Комисијата за транспорт, врски и екологија при Собранието на Р.М.
Во објаснувањето на ваквите измени, Владата на Р.М. како предлагач образложува дека со новиот член ќе се прецизира прашањето за изгледот на фасадите од страна на општинските совети на територијата на целата општина, а не само во нивниот центар. Асоцијацијата на архитекти на Македонија во текот на јануари годинава се спротивстави на веќе донесената одлука за утврдување на изгледот на објектите во централното градско подрачје од страна на општинските совети. Архитектите тогаш констатираа дека со воведувањето на овој член во Законот за градење се врши директно непочитување на стручноста на архитектите.
Со предложените измени и дополнувања се дава решение и на серија други прашања за кои во изминатиов период активно се залагаа градежниците. Наместо задолжителната контрола на механичката отпорност, стабилност и сеизмичка активност на секој објект, со предложените измени оваа обврска ќе се однесува единствено за градбите, за кои основниот проект треба да содржи градежно конструктивен проект. Со ваквото преформулирање, се прецизираат објектите за кои во иднина нема да биде потребно мислење за степенот на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите. Вакви измени во Законот за градење веќе во неколку наврати бараше и Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија.
Владините предлози за измени и дополнувања на Законот за градење се составени од вкупно 14 членови. Со новите замисли на извршната власт во иднина ќе се издаваат градежни дозволи за изградба на некои од објектите без притоа да бидат решени имотно – правните односи, вклучувајќи ги и оние зданија што се за потребите на државни органи, агенции или фондови основани од Владата на Р.М. Ако некои субјекти имаат имотни проблеми за локацијата на која се градат овие објекти, имотно – правните односи ќе се решаваат до процесот на поднесување на барање за одобрение за употреба на објектот, односно по неговата изградба.
Новина со законските измени е и тоа што Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони ќе може да издава одобренија за градење за оние објекти што е планирано да се подигнат во технолошко индустриските развојни зони, во индустриските зони и во зелените зони основани од владата. Предложените измени и дополнувања на Законот за градење денеска ја добија поддршката во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија и со тоа ја продолжуваат собраниската процедура.
Бојан Блажевски