Претходна статија
Заврши санацијата на граничниот премин „Богородица“
Следна статија
Во изминатите 5 години, патниот и воздухопловниот превоз со раст, железницата со голем пад

Два нови факултети ќе се градат во комплексот факултети на УКИМ

Објавено на 16.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Два нови образовни објекти во кои ќе бидат сместени Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) ќе се градат во рамки на комплексот факултети на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Министерството за образование и наука денеска распиша Конкурс за избор на архитектонски трудови за двете идни зданија, планирани на просторот спроти ТЦ „Мавровка“. Изборот на идејно решение е првата фаза од постапката за изработка на техничката документација за изградба на објектите.

 

* Просторот на кој ќе се градат новите факултети 

 

 

Од архитектите се бара со своите творечки трудови да применат креативност, инвентивност и оригиналност, да обезбедат современ третман на објектот во согласност на неговата функција, да применат ефикасно природно осветлување и да предложат конструкција која ќе обезбеди сеизмичка стабилност и економичност на функцијата. Идејните решенија треба да се достават најдоцна до 17 ноември до Архивата на Министерството за образование и наука.

 

Жири – комисијата ја сочинуваат Кристинка Радевски, Димитар Трајанов, Милош Стокуќа, Наташа Хаџи – Лега, Александар Јанакиески и Вујица Живковиќ. Конкурсот е делив на два дела, и тоа објект на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и објект на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство. Министерството за образование и наука ќе додели три награди и три откупи за пристигнатите дела на архитектите. Првата награда е во износ од 350.000 денари, втората 300.000 денари, а третата 250.000 денари. Надлежното министерство ќе додели и три откупи на издржани идејни решенија во вредност од по 50.000 денари.