Македонската градежна компанија „Бетон“ продолжува да бележи позитивни финансиски резултати во своето работење. Во првата половина од 2014 година е остварена добивка од реализација на градителски проекти во висина од 37,9 милиони денари или над 600 илјади евра, а приходите од продажба се зголемени за 3 отсто во споредба со првите шест месеци од 2013 година. Приходите изнесуваат 1,16 милијарди денари и се остварени на домашниот пазар, јавува интернет – порталот „Фактор“. Оперативната добивка е во износ од 38,8 милиони денари и е пониска за 14% во однос на истиот период од претходната година.
Оперативните расходи на скопски „Бетон“ во овој временски период изнесуваат 1,41 милијарда денари, при што истата е за 25% поголема во споредба со првото полугодие од 2013 година. Во рамките на објавениот извештај се забележува зголемување на финансиските обврски на оваа компанија за 360 милиони денари. На крајот од јуни годинава тие изнесуваат 1,617 милијарди денари, односно околу 26,3 милиони евра, што претставува пораст од 29% во однос на истиот период од минатата година. Во сегментот на тековните средства кај овој градежен гигант, најголема ставка е побарувањето од купувачи и таа изнесува 1,288 милијарди денари, или над 20 милиони евра.