Скопскиот градоначалник Коце Трајановски, министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и претставникот на француската компанија „ЕГИС Еау“ Бруно Оливие денеска го потпишаа Меморандумот за разбирање за изработка на студија за финансирање, изградба и работа на пречистителна станица за отпадни води во главниот град. Со проектот треба да се подготви документ кој ќе го дефинира најдобриот пристап за финансирање, изведба и управување со овој значаен инфраструктурен објект што ќе опслужува 600.000 жители, преку избор на најсоодветна шема за спроведување на работите. Изработката на студијата е финансирана од Фондот за студии и помош во приватниот сектор – ФАСЕП и француската влада во висина од 729.000 евра.
„Градот Скопје цврсто стои на определбата за најбрзо можно реализирање на проектот за изградба на пречистителна станица за третман на отпадните води и очекува дека во периодот до 2020 година во соработка со Владата на Република Македонија ќе успее во изнаоѓањето начини за обезбедување финансиски средства за почнување на изградбата“, изјави градоначалникот Коце Трајановски. Изготвувањето на планираната студија се очекува да трае 48 недели, ќе опфати неколку поглавја, а нејзините автори ќе ги консултираат сите заинтересирани страни преку многубројни работилници.