Ј.П. „Струмица гас“ деновиве ја започна третата фаза од процесот на целосна гасификација на Струмица со подготовките за гасификација на индустриската зона „Север“. Според информациите од општина Струмица, градежните екипи и механизацијата копаат ровови и ги поставуваат гасоводните цевки, со што ќе се овозможи фабричките погони од овие делови на градот да се гасифицираат и да ги намалат постоечките трошоци за енергија при производството. Со завршувањето на третата фаза од проектот, се очекува Струмица да биде првата македонска општина која што ќе биде системски гасифицирана.
*Извор на фотографија: Општина Струмица
Употребата на природниот гас во Струмица започна во ноември 2012 година, кога се гасифицираа објектите во кои се сместени институциите под надлежност на локалната самоуправа. Во периодот 2013/2014 година стартуваше приклучувањето на домаќинствата на гасоводната мрежа, додека во претстојните месеци треба да се реализира и гасификацијата на индустриските објекти во градот.
Општина Струмица во неколку наврати изгради неколку значајни инфраструктурни објекти за реализација на процесот на гасификација. Пред три месеци беше потпишан договор со „Конти Хидропласт“ од Гевгелија за изградба на секундарна гасоводна мрежа во должина од седум километри. Покрај континуираното проширување на инфраструктурата за приклучување на нови субјекти, беше изведена примарна гасоводна мрежа во должина од 15 километри, декомпресиска станица за гасот што се транспортира со цистерни од Бугарија и беа поставени мерно – регулациони станици.