Во насока на задоволување на европските критериуми за редуцирање на емисијата на стакленички гасови во воздухот, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) го продолжува проектот за модернизација на најголемиот енергетски објект на територијата на земјава. Компанијата „ВАТРОСТАЛНА Михајло и останати“ од Скопје е избрана за изведувач на градежните работи за санација на армиранобетонскиот оџак 1 во ТЕ Битола. За спроведување на сложениот градителски потфат се издвоени финансиски средства во висина од 67.118.400 денари или околу 1,1 милиони евра. Проектот се реализира по изработката на основен проект за санација на оџакот, кој е составен дел од најголемата македонска термоелектрана.
Со остварување на реконструктивниот зафат, започнува втората фаза од проектот за модернизација на котлите на трите блокови на битолската термоелектрана. Досега се работеше на санациони активности врз блоковите 2 и 3, во функција на намалување на загадувањето на воздухот од овој енергетски објект. Покрај санацијата на армиранобетонските оџаци, ЕЛЕМ во изминатиов период работеше и на обезбедувањето финансии за планираната модернизација на котлите во блок 1 од ТЕ Битола, за која се потребни финансиски средства во висина од 25.739.616 евра.
Заедно со веќе започнатиот зафат за модернизација на котлите и за ревитализација на кулите од блоковите 2 и 3 во битолската термоелектрана, вкупната инвестиција во целосно осовременување на овој капитален енергетски објект е предвидено да изнесува 88,5 милиони евра.