Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, заедно со амбасадорот на НР Кина во Македонија Вен Џеншун и министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми денеска го пуштија во употреба новото основно училиште „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско – македонското пријателство“ во скопската населба Драчево. Образовниот објект се протега на површина од 4.500 метри квадратни и се состои од 35 училници, 5 кабинети и училишна библиотека. Покрај зградата, новото основно училиште располага со фудбалско игралиште, кошаркарско игралиште, атлетска патека и простор за слободни активности на отворено во рамките на дворот, кој се протега на 16.000 метри квадратни.
*Извор на фотографија: општина Кисела Вода
Финансиската конструкција на овој проект изнесуваше 4 милиони евра, кои се целосна донација од НР Кина. Проектната документација ја изработи IPPR, градежните активности ги изведе компанијата B.A.R. ECE, додека како подизведувач беше ангажирана фирмата ЛИНИКА. Комплетираната училишна зграда е новиот простор за образование на 82 првачиња, кои денеска го имаа првиот училишен час. Во основното училиште „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско – македонското пријателство“ годинава настава ќе следат вкупно 704 ученици.