Првото полугодие од 2014 година носи позитивно финансиско работење за компанијата „Гранит“ од Скопје. Македонскиот градежен гигант оствари нето – добивка од 197.751.000 денари во првите шест месеци од годинава, што претставува зголемување од 80,4% во споредба со идентичниот период лани, кога профитот изнесувал 109.599.000 денари. Според објавените податоци во неревидираниот и неконсолидиран извештај на веб – страницата на Македонска берза, приходите од продажба на оваа градежна компанија се заокружени на 2.062.979.000 денари, од кои на домашниот пазар се остварени 1.392.309.000 денари. Во истиот период од минатата година, вкупните приходи од продажба на скопски „Гранит“ беа во висина од 2.228.404.000 денари.
Во публикуваната документација се наведува дека главнината и резервите на градежната компанија во периодот јануари – јуни 2014 година се зголемиле за 6% во споредба со идентичниот период лани. Истовремено, обврските на оваа фирма во истиот период се намалиле за 6% во однос на првото полугодие од 2013 година. „Гранит“ од Скопје е една од најголемите македонски компании од градежниот сектор, која непречено функционира на домашниот и на странските пазари уште од нејзиното основање во 1952 година.