Ако сакаат успешно да го заокружат процесот за легализација на бесправно изградените објекти, македонските граѓани и компании ќе мораат навремено да ги изготват и да ги достават геодетските елаборати. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска апелираше што поскоро да се достават овие документи, без кои е невозможно да се заврши целокупната постапка. „Граѓаните и компаниите мора да ги изготват елаборатите кои се по исклучително ниска цена, помалку од едно евро. Крајниот рок за доставување веќе го продолживме, до 31 декември 2015 година. Дотогаш има доста време, но не треба да се чека последниот ден“, рече Јанакиески.
Покрај отсуството на геодетски елаборати во портфолиото на секоја дивоградба, првиот човек на надлежното министерство констатира дека нерешените имотно – правни односи се втората причина што го забавува процесот на легализација на бесправно изградените објекти. Досега е завршена постапката за околу 100.000 зданија, но во целокупната постапка до септември 2017 година ќе мора да се решат вкупно 360.000 предмети. По заокружување на фазата на доставување на геодетските елаборати, работата ќе премине во рацете на локалните самоуправи, кои ќе мора успешно да го заокружат процесот за легализација на преостанатите 260.000 објекти.