Претходна статија
„Докуфест“ ќе посвети внимание на „Скопје 2014“ и на јавниот простор
Следна статија
Македонските градежници повторно ги освојуваат странските пазари

Стручната јавност со критики кон измените во Законот за градење

Објавено на 17.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонските архитекти и градежници се противат на измената во Законот за градење со која се воведува задолжително мислење за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка активност, кое се издава од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија Скопје (ИЗИИС). Дури 54,2% од стручната јавност смета дека новите законски правила не се оправдани, 24% сметаат дека тие се делумно оправдани, додека 21,8% од архитектите и градежниците ги оправдуваат измените во Законот за градење, се наведува во најновиот број на стручното списание „Пресинг“.

 

 

 

Според изготвената анкета со членовите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Р.М., само 31,7% од стручната фела смета дека планираните милијарда евра инвестиции во македонската патна и останата инфраструктура во наредниот период ќе донесат развој на инженерската струка во земјава. Од вкупно 660 анкетирани архитекти и инженери, 27,9% сметаат дека проектите што во моментов се во фаза на реализација нема да придонесат за развој на струката, додека 40,5% од испитаниците сметаат дека инвестициите ќе придонесат за делумен развој на инженерската струка во Македонија.

 

Македонските архитекти и градежници не се согласуваат дека е добро постојното законско решение, каде минималната цена е главен и единствен услов за добивање на тендерите од областа на градежништвото. 87,7% од нив сметаат дека ваквата легислатива не е добра, 9,9% констатираат дека законското решение е делумно добро, додека само 3,3% го поддржуваат овој член во законот. Како позитивна мерка на македонската власт, анкетираните го наведуваат електронскиот начин на аплицирање за градежна дозвола. Оваа измена во Законот за градење ја поддржуваат 57,3% од испитаниците, 18% не ја поддржуваат, додека како делумно исправна ја сметаат 24,7% од членовите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.