И на денешното електронско јавно наддавање имаше голем интерес за градежните парцели наменети за изградба на индивидуални куќи во новата населба Јака во општина Илинден. Локалната самоуправа успеа да ги продаде сите 13 локации за градба, и тоа по цена од 430 до 1.000 денари за метар квадратен. Големината на плацовите се движи од 361 до 495 метри квадратни. Денешната лицитација ќе биде финализирана по уплаќањето на парични средства од најповолните понудувачи, по што ќе биде склучен и договор за отуѓување на земјиштето. Од општина Илинден посочуваат дека следната лицитација на девет градежни парцели за изградба на куќи во оваа населба ќе се одржи на 2 септември, а рокот за доставување на пријавите за учество наддавањето истекува на 29 август.
Пред само две недели, беа продадени девет градежни парцели за изградба на индивидуални куќи за домување во истата населба. Голема заинтересираност од страна на граѓаните беше забележана и на претходните електронски лицитации на земјиштето од овој локалитет. Оддалечена на околу 15 километри од центарот на Скопје, населбата „Јака“ е предвидено да се состои од 500 куќи, хотел, трговски центар и простор за спортско – рекреативни содржини.