Паралелно со изведбата на стаклената фасада и надворешното осветлување, Националната арена „Филип Втори“ во наредните три месеци ќе добие нови тоалети и спортска опрема во насока на комплетно довршување на подтрибинскиот простор. „Бетон“ од Скопје е избран за да ги изведе работите за поставување на дополнителна опрема за тоалети, опрема за атлетски дисциплини, опрема за одржување на фудбалско игралиште, како и активности за одржување на фудбалското игралиште и сигнализацијата. АД за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката (АДСДП) ќе исплати 48.036.919 денари за оваа намена, односно околу 780 илјади евра.
Завршната етапа од реконструкцијата и надградбата на најголемиот фудбалски стадион во Македонија започна кон средината на септември минатата година. За градежните работи во оваа фаза беше најавено дека ќе се одвојат осум до девет милиони евра.