ЈП за државни патишта го рехабилитира регионалниот пат Маврово – Маврови Анови во должина од 6.110 метри. Со заем од Светската банка во висина од над 76 милиони денари (околу 1,2 милиони евра) ќе се промени стариот асфалтен слој со нов, ќе се санира свлечиштето кај Беличкиот канал и ќе се изградат пешачки патеки во должина од 2 километри. Со градежниот зафат е зацртано да се изврши и проширување на патот на оние сегменти каде што неговата ширина е помала од шест метри. Рокот за заокружување на проектот е февруари 2015 година.
Регионалниот пат до скијачкиот центар Маврово во моментов се наоѓа во многу лоша состојба. Реконструкција на делницата до Маврови Анови не е реализирана 45 години, а големи проблеми предизвика и лизгањето на земјиштето на дел од патот пред повеќе од три и пол години. Покрај реконструкцијата на оваа делница, од ЈП за државни патишта информираат дека идната година треба да стартува и постапката за реконструкција на трасата од Бунец до селото Леуново, со што целосно би се санирал обиколниот пат околу Мавровското езеро.