Претходна статија
80 илјади рекоа „НЕ“ на изградбата на брани во Националниот парк „Маврово“
Следна статија
Започна рехабилитацијата на патот кон скијачкиот центар Маврово

Се реконструираат 2,5 километри автопат кај Петровец

Објавено на 11.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ЈП за државни патишта ја започна реализацијата на проектот за санација на патната делница од наплатната рампа Петровец кон клучката за аеродромот „Александар Велики“ и кон Велес. Предвидено е да се рехабилитира коловозот во должина од 2,5 километри и да се постави нова хоризонтална сигнализација и осветлување. На местото на дотраениот асфалт ќе се постави нов со дебелина од седум сантиметри. Директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски истакнува дека зафатот ќе биде завршен до крајот на овој месец. Финансиската конструкција на проектот изнесува 14,3 милиони денари.

 

 

 

Покрај за оваа делница, првиот човек на јавното претпријатие говореше и за другите проекти за реконструкција на македонската патна мрежа. До јули 2015 година треба да се комплетира веќе започнатата санација на автопатот Велес – Катланово, за кој се издвоени финансиски средства во износ од 5,65 милиони евра. Изработени се и проекти за рехабилитација на три автопатски делници од Коридорот 10, и тоа Куманово – Миладиновци, Неготино – Демир Капија и реконструкција со доградба на дополнителни ленти на делницата Смоквица – Гевгелија.

 

Приоритет ќе добие сегментот од Куманово до Миладиновци во должина од 22,5 километри, кој ќе се санира во двата правци, заедно со пристапните објекти на наплатните рампи. Овој сегмент е најоштетен и на него се планира рехабилитација на мостовите, пропустите и останатите објекти, обнова на хидроизолацијата и на системот за одводнување, поставување на заштитни огради и бариери, како и обнова на сообраќајната сигнализација. Зафатот ќе започне од наплатната рампа Миладиновци во правец кон Куманово, при што планирано е да се санира и клучката Коњаре за Крива Паланка. Проектната документација е веќе изработена, истата го чинеше претпријатието 48 милиони денари, а самиот градежен зафат ќе стартува во втората половина на 2015 година.

 

Јавното претпријатие го заврши и проектот за реконструкција на автопатот од Неготино од Демир Капија во должина од 8,8 километри, документ за чија изработка се издвоени 19.906.600 денари. Покрај реконструкцијата на асфалтот во двата правци, планирано да се постави нова сообраќајна сигнализација. Со третиот изработен проект ќе се санира коловозот од автопатската делница Смоквица – Гевгелија во должина од 10 километри, каде што е предвидено и да се прошири коловозот од 7,7 на 10,7 метри.