Во периодот од стапувањето на сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти до денес се легализирани околу 100.000 дивоградби, пренесува државната новинска агенција МИА. Преостанатите 260.000 објекти што немаат имотен лист ќе треба истиот да го обезбедат најдоцна до септември 2017 година, за кога се предвидува заокружување на целокупниот процес на легализација на бесправно изградените објекти на територијата на Македонија. Граѓаните се должни да ги достават геодетските елаборати за своите дивоградби најдоцна до 31 декември 2015 година, по што целиот товар на спроведување на процесот ќе се пренесе на локалните самоуправи кои се должни да го финализираат веќе започнатиот процес со издавање на градежни дозволи.
За забрзување на целокупната процедура, македонската влада пред повеќе од еден месец донесе одлука за бесплатна изработка на геодетските елаборати на објектите што се во сопственост на околу 39 илјади лица што припаѓаат на социјално ранливите категории. Геодетските елаборати ќе бидат изготвени по службена должност од страна на Агенцијата за катастар на недвижности. Без поднесување на овој значаен документ до локалните самоуправи, граѓаните нема да можат да го финишираат процесот на легализација на бесправно изградените објекти.