„ЈСП Скопје“ склучи договор за изградба на реквизитниот објект „Панорамско тркало“ кој треба да се издигне на нов мост на Вардар, помеѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“. Изведувач ќе биде скопски „Бетон“, на чија сметка ќе легнат 18,3 милиони евра. На тендерот можеа да учествуваат домашни и странски компании, кои во последните три години имале минимален приход не помал од 5 милиони евра за секоја година поединечно.
„Барокното“ панорамско тркало ќе има дијаметар од 57 метри, а целиот објект ќе се издигне 73 метри над брегот на реката. На тркалото ќе бидат поставени 30 кабини во форма на гондоли со носивост од од 750 килограми, односно просечно осум места за возрасни и две за деца во секоја од нив. Максималниот капацитет на Панорамското тркало ќе биде 300 луѓе. Како придружни објекти планирано е да се изградат кафетерија, сувенирница и ресторан. Рокот за завршување на изградбата е пет години.
Градот Скопје за изработка на проектот за Панорамското тркало веќе потроши половина милион евра. Изготвувањето на проектот и беше доверенo на австриската „a2 Hotelconcept GmbH“, според идејното решение на „Massabni architects GmbH“, исто така од Австрија.