Министерството за здравство на почетокот од јули годинава го склучи договорот за реконструкција, пренамена и адаптација на Здравствениот дом во Кичево за потребите на тамошната општа болница. Градежните активности ќе се одвиваат во наредните 18 месеци и планирано е да се вложат околу 3,3 милиони евра. Долговетуваното здравствено здание ќе се простира на површина од 7.000 метри квадратни, а по реконструкцијата во него ќе се инсталира нова медицинска опрема што ќе одговори на потребите на граѓаните од кичевскиот регион. За изведувач на градежните работи е избрана фирмата „Инсталација увоз – извоз Исмаил ДООЕЛ“ од селото Длапкин Дол, Зајас.
* Новата кичевска болница – визуелизација
Идниот современ здравствен дом ќе располага со пет одделенија за секундарна здравствена заштита, 10 специјалистичко – консултативни служби и четири одделенија со дневна болница. Во негов склоп ќе бидат сместени одделенијата за гинекологија, интерна, амбулантски дел, нов ургентен центар и делот за дијализа. Новиот објект на општата болница во Кичево е доведен на ниво на карабина пред неколку години, додека самиот градежен проект се реализира повеќе од две и пол децении.