Претходна статија
Во тек е асфалтирање на булевар Илинден
Следна статија
Жан Митрев ќе гради болница во Карпош

Стадионите на СП 2010 во Јужна Африка

Објавено на 08.06.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За неколку дена во Јужна Африка започнува деветнаесетото светско првенство во фудбал. Пред почетокот на фудбалските возбудувања, во прилог следи една кратка репортажа за стадионите на кои ќе се одиграат натпреварите.
Јужна Африка го дочекува светот во девет градови домаќини и на десет стадиони од кои пет комплетно нови. Вкупните трошоци само за изградба на новите стадиони и реконструкција на постоечките достигнуваат до една милијарда евра, а дополнителни средства се вложени во подобрувањето на постоечката инфрастуктурата и во неколку капитални проекти како изградбата на првата брза железница во Африка (Gautrain)  и рапидниот систем за автобуски превоз наречен Rea Vaya.



» Ако светското првенство во Франција ни го донесе Stade de France, првенството во Германија Allianz Arena, ѕвездата овој пат е стадионот Soccer City во Јоханесбург на кој воедно ќе се одиграат и првиот и финалниот меч на турнирот. Иако е изграден кон крајот на осумдесетите години, стадионот претрпе темелни промени пред почетокот на светското првенство. Новиот дизајн е инспириран од традиционално африканско грне познато како „calabash“ положено врз оган, а боите и текстурите се црпени од природните пејсажи на Јужна Африка. Со капацитет од 94.700 гледачи Soccer City е најголемиот стадион не само во Јужна Африка туку и на целиот континент, додека на глобално ниво се наоѓа на тринаесетата позиција.


» Покрај Soccer City, градот Јоханесбург има чест да учествува на светското првенство со уште еден стадион, а тоа е Ellis Park Stadium. Првично е изграден во 1928 година како стадион за рагби, во 1982 бил срушен и повторно изграден со капацитет од 57.000 гледачи, додека со реконструкцијата за светското првенство капацитетот се зголемува на 62.567. Стадионот е дел од поголем спортски комплекс кој вклучува и атлетски стадион, арена за тенис и олимписки базен.


» Cape Town Stadium е еден од низата комплетно нови објекти изградени по повод светското првенство. Изграден е на местото на Green Point Stadium кој беше урнат, а зафаќа и дел од околните голф терени. Тој е дел од поголем урбан парк со површина од 60 хектари и се наоѓа на спектакуларна локација веднаш до брегот на атланскиот океан и во подножјето на Signal Hill, кое е едно од дефинирачките природни обележја на Кејптаун. Стадионот има капацитет од 69.070 гледачи и е третиот најголем на турнирот. Специфика на стадионот е специјалната обвивка на екстериерот која служи за намалување на бучавата.


» Moses Mabhida Stadium во Дурбан, е стадионот кој после Soccer City привлекува највеќе публицитет, можеби поради неговата симболика. Дизајнот е инспириран од јужно африканското знаме и го симболизира единството на до неодамна поделената нација. Над стадинот се надвива лак кој освен што има функција да го држи кровот служи и како спектакуларен видиковец до чија највисока точка од 106 метри се стига со жичница. Стадионот е специфичен по исклучителниот акцент на еколошките концепти при изградбата. При самата изградба во голема мерка се искористени материјали од стариот стадион кој беше срушен. Кровот кој покрива 88% од седиштата, е направен од тефлонска мембрана со 50% транспарентност која воедно ги штити гледачите но и овозможува природно осветлување на стадионот. Стадионот е максимално енергетски ефикасен со природна вентилација секаде каде е возможно, а овозможено е да ја собира и дождовницата која потоа се користи за системите за ладење и греење. Стадионот има капацитет од 70.000 гледачи и неговата изградба заврши во 2009 година. Тој е дел од поголем спортски комплекс кој вклучува други стадиони, затворена арена, патека за мото трки, фудбалски музеј, спортски институт итн.


» Nelson Mandela Bay Stadium во Порт Елизабет е првиот од новите стадиони кој почна со изградба во 2007 година. Воедно тој е и првиот стадион за фудбал во Порт Елизабет воопшто. Специфичен е по својот изглед со кров кој е составен од бели сегменти кои наликуваат на цветни листови. Спектакуларноста на објектот се надополнува со езерото North End Lake на чиј брег е лоциран. Стадинот има висина од околу 60 метри, а трибините се распоредени на пет до шест нивоа. Капацитетот на објектот е 46.082 гледачи.


» Loftus Versfeld Stadium во Преторија е најстариот стадион кој ќе се користи за потребите на светското првенство. Оригиналната структура е изградена во 1906 година со капацитет од само 2.000 гледачи. Од тогаш стадинот постојано се надградувал. За потребите на светското првенство, зафатите на стадионот се концентрираат на осветлувањето, озвучувањето, кровната конструкција како и инсталација на нов семафор. Стадионот ќе го дочека мундијалот со капацитет од 51.762 гледачи.


» Peter Mokaba Stadium во Полоковане е еден од петте нови стадиони изградени специјално за првенството. Во дизајнот на стадионот се употребени елементи инспирирани од баобаб дрвото кое е типично за овој дел од Африка што е најочигледно кај рабните кружни структури. Кровната конструкција на стадионот и прикачена и поддржана токму од овие рабни структури. Стадионот се отвори во 2010 година и има капацитет од 45.264 гледачи.


» Mbombela Stadium во Неспруит е е стадионот со „најафриканскиот“ дизајн на првенството. Покривот на стадионот е потпран на 18 портокалови носачи кои потсетуваат на жирафи и покрива 94% од посетителите. Столчињата пак се во црна и бела боја и се распоредени на начин на кој на трибините се отсликуваат штрафтите на зебрата. Како и кај повеќето други новоизградени стадиони за првенството, вниманието е свртено кон природната вентилација која се постигнува со подигнатиот кров над крајниот дел од трибините. Процепот кој се создава освен за венталација претставува и прекрасна позиција за панорамско разгледување на околината. Како кај стадионот во Дурбан, кровот е делумно транспарентен што придонесува за природно осветлување на објектот. Стадинот е најкомпактен и најмал од десетте стадиони и има капацитет од 43.589 гледачи. Предвидено е да има централно место во поголемиот спортски комплекс кој е планирано да се гради околу него и кој ќе вклучува терени за атлетика, крикет и други спортски дисциплини.


» Free State Stadium во Блумфонтејн е изграден во 1995 година за потребите на светскиот куп во рагби. Во 2008 стадионот се доградува со уште едно ниво на седишта со што капацитетот се проширува на 45.058 за светското првенство во фудбал што го рангира на шестто место според големината.


» Royal Bafokeng Stadium во Рустенбург е изграден во 1999 и претрпува минимални промени за потребите на мундијалот. Главната западна трибина е надградена со капацитетот на стадионот се зголемува од 38.000 на 44.530. Западната трибина исто така добива конзолен кров, а извршена е и модернизација на осветлувањето, озвучувањето, поставени се нови седишта и нов семафор.