Попладнево Советот на општина Центар ги изгласа измените на деталните урбанистички планови „Тасино Чешмиче 1“ и „Капиштец – Водно“, идентични предлози кои не поминаа на седница во октомври минатата година. Со новиот ДУП за Тасино чешмиче се овозможува изградба на контроверзната десеткатница со висина од 35 метри на местото на хотелот „Панорама“ на Водно, која деновиве ја брануваше јавноста. „Во 2009 година, кога бил предвиден само еден спрат, ИЗИИС констатирал дека параметрите на земјиштето го немаат потребниот фактор на стабилност. Ако за еден спрат експертите се загрижени за безбедноста и стабилноста на земјиштето, тие што утре имаат намера да гласаат за овој ДУП, нека сфатат што ќе значи изградба на десеткатница”, апелираше вчера градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, повикувајќи се на мислењето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Измените беа усвоени со гласовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно градоначалникот Жерновски и советниците на опозицијата, со исклучок на претседавачот на Советот на општината, Мирослав Шиповиќ, ја напуштија седницата. Предложените измени на деталниот урбанистички план „Мал ринг“, со кои требаше да се овозможи менување на фасадата на Градскиот трговски центар, беа повлечени од страна на предлагачите, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.