Локалната власт од Велес објави оглас за продажба на 16 градежни парцели за изградба на индустриски објекти и за домување на неколку локации во градот. Најатрактивно е земјиштето лоцирано во индустриската зона „Караслари“, кое се наоѓа веднаш до автопатот од паневропскиот Коридор 10. На оваа локација се нудат шест парцели со големина од 4.183 до 30.398 метри квадратни, на кои е предвидено да се градат објекти од лесната и незагадувачка индустрија. Општината на инвеститорите им нуди и пет локации за објекти од малото стопанство – сервиси во населбата Тунел 2, како и пет парцели за станбени куќи во две велешки населби.
Вкупната огласена површина изнесува 97.952 метри квадратни, а почетната цена на локациите наменети за индустриски објекти е изнесува 61 денари за метар квадратен, додека парцелите предвидени за изградба на куќи се продаваат по почетна цена од 583 денари за метар квадратен. Пријавите за учество на електронското јавно наддавање треба да се достават најдоцна до 11 август, односно до 12 август за земјиштето наменето за изградба на индустриските зданија. Електронската лицитација е закажана на 14 и 15 август.
Од велешката локална самоуправа очекуваат голем интерес од приватните компании за понуденото земјиште, кое е поврзано со неопходната инфраструктура за успешно функционирање на идните објекти. Во индустриската зона „Караслари“ веќе неколку месеци се гради новата фабрика на германската компанија „Маркварт“ (Marquardt GmbH).