Скопската железарница најдоцна за четири и пол месеци ќе го добие ветениот систем за отпрашување, со што ќе се надмине сегашниот проблем со загадување на воздухот. Компанијата „Макстил“ денеска ја претстави тековната фаза од реализацијата на индустриската постројка. Периодов се изведуваат градежните работи на цевководниот систем, а се изработува и челичната конструкција. Во подготовка за монтажа е и опремата за третман на гасови. Најдоцна до 1 ноември ќе се инсталира целата опрема, која е набавена од италијанската компанија „СТГ Груп“ (STG Group S.p.A.).
По оваа фаза, би следувало поврзување на постројката со постоечките објекти на железарница, период во кој комплексот нема да работи. Скопската железарница ќе ги исполни европските норми за емисија на гасови во воздухот до крајот на 2014 година. За изградба на филтер станицата во кругот на металургискиот комплекс ќе бидат инвестирани 10 милиони евра. Изведувачи се скопски „Бетон“ и „Факом“, а надзорот над градежните работи ги врши „Градежен институт Македонија“. Проектната документација ја изработи „СТГ Груп“.
Ако не се завршат комплетните изведбени работи до 31 октомври 2014 година, тогаш Министерството за животна средина ќе пристапи кон затворање на скопската железарница. Граѓаните на главниот град веќе неколку години го искажуваат своето незадоволство поради загадувањето од страна на овој индустриски комплекс. Во изминативе неколку недели беа организирани протести пред објектот од страна на граѓанската иницијатива „Стоп за фабриката Железара“.