Општина Центар ја започна реконструкцијата на паркот во скопската населба Капиштец. Градоначалникот Андреј Жерновски денеска беше во обиколка на овој јавен простор, кој опфаќа површина од 20.000 метри квадратни. Како што најави тој, при обновата на паркот нема да се уништува зеленилото, туку ќе се посадат нови 16 високи дрвја и зимзелени садници со колоритни бои. Во насока на нивно одржување, ќе се инсталира автоматски систем за полевање на зеленилото, кој ќе користи техничка вода од бунар. На просторот помеѓу улиците Народен фронт и Васил Ѓорѓов ќе се постави нова урбана опрема, канти за отпадоци, две чешми за пиење вода и две подни фонтани за разладување.
Покрај зеленилото и урбаната опрема, целосно ќе се реконструираат спортските терени и игралиштата за деца. Нов изглед ќе добие кошаркарскиот терен, како и двете детски игралишта. Старите метални огради во околината ќе бидат заменети со дрвени. Општина Центар ќе интервенира и во илуминацијата на паркот, поставувајќи три вида на ново осветлување: високо, подно и амбиентално. За реализација на целокупниот зафат се одвоени финансиски средства од околу 510 илјади евра. Изведувач на работите е тетовската „АК Инвест“.