Советот на град Скопје денеска го усвои предлогот за бришење на распределените финансиски средства во буџетот за 2014 година за реализација на подземната сообраќајница во центарот на градот. Со ваквата одлука околу 90 милиони денари се пренаменија за други потреби, утврдени со ребалансот на градскиот буџет за оваа година. Со ваквиот развој на настаните, Градот Скопје дефинитивно потврдува дека годинава нема да има никакви активности за реализација на подземната сообраќајница, на потегот од мостот Гоце Делчев до булеварот Кузман Јосифовски Питу. На ваквата одлука реагираше опозицијата во градскиот совет, но и самата градска власт.
Советникот Предраг Трпески од опозициската СДСМ истакна дека владејачката партија и градоначалникот Коце Трајановски ги намалуваат средствата за клучните проекти што се во интерес на граѓаните на главниот град. Тој укажа дека Градот Скопје со овој чекор им соопштил на граѓаните дека проектот нема да се реализира и дека целта на истиот била само да се искористи во кампањата за локалните избори во 2013 година.
Во текот на денешниот ден со реакција се јавија и од Градот Скопје. Тие напоменуваат дека пристигнатите понуди за изградба на овој проект биле превисоки на двата веќе реализирани тендери. Градските власти објаснуваат дека изведбата на подземната сообраќајница е одложена, но тоа воопшто не значи дека овој проект е веќе отфрлен. „Оттаму, нема потреба овие финансиски средства да стојат во буџет, ако реализацијата на истиот нема да отпочне оваа буџетска година“, се вели во соопштението на Градот Скопје.