По една година од поставувањето на камен – темелникот, прилепчани ја добија една од најсовремените автобуски станици во Македонија [»мапа]. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и прилепскиот градоначалник Марјан Ристески денеска свечено ја отворија новата автобуска станица со површина од 3.700 метри квадратни, која со планираната реконструкција на соседната железничка станица треба да прерасне во модерен транспортен центар. Во нејзини рамки се наоѓа билетарница со електронски систем за продажба и резервација на билети, чекална за патниците, туристичка агенција, маркет и ресторан.
Автобуската станица е опремена со електронски систем за услужување на патниците и истата ќе работи 24 часа. Со реализација на овој проект, Прилеп доби автобуска станица која ги задоволува критериумите за да биде класифицирана во станиците од прва категорија. Инвестицијата во висина од 700.000 евра е на приватната компанија „Пелагонија бус“, која ги поседува и станиците во Велес, Штип и Берово. Очекувањата се дека новата автобуска станица месечно ќе опслужува помеѓу 30.000 и 40.000 патници.
Инвеститорот „Пелагонија бус“ ја купи градежната парцела со површина од 5.299 метри квадратни на електронска јавна лицитација во ноември 2012 година, по цена од 920 денари за метар квадратен.