Градежната компанија „Бетон“ од Скопје го заокружи минатогодишното работење со остварена нето – добивка од 50.692.372 денари, што е за 13,5% повеќе во споредба со 2012 година. Македонскиот гигант во градежништвото лани ги намалил трошоците, на што се должи зголемувањето на профитот. Покрај покажаните успешни резултати од работењето, раководството на „Бетон“ очекува уште поголеми приходи во реализацијата на нови проекти во текот на наредните години. За 2014 година веќе се договорени градежни активности во вредност од 3.180.622.732 денари, додека за 2015 година може да се очекува изведба и довршување на проекти во вредност од 3.094.201.886 денари.
Од „Бетон“ не кријат дека главен извор на приходи и на континуиран раст во работењето се проектите финансирани од државата, особено долго протежираниот „Скопје 2014“. Оттаму сметаат дека и во тековната година ќе продолжи потпишувањето на нови договори, особено за изградба на патишта. Позитивните резултати во градежништвото, како и во работењето на „Бетон“ се должат на стратегијата на Владата на Р.М. за изградба на капитални објекти од проектот „Скопје 2014“, но и благодарејќи на инвестирањето во патната инфраструктура во земјава, констатираат од „Бетон“. Само во првите три месеци од 2014 година, оваа компанија оствари раст на добивката од 7,41%.