Претходна статија
Од кинески „ЦСР“ ќе ги купиме новите шест железнички гарнитури
Следна статија
Панорамското тркало ја достигна вредноста од 15,5 милиони евра

Скопски „Водовод“ ќе зема кредит за да ја догради барокната зграда

Објавено на 24.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Скопските градски советници усвоија одлука за долгорочно домашно задолжување на ЈП „Водовод и канализација“. Од некоја од македонските банки ќе се подигне кредит во висина од 7,3 милиони евра за довршување на административната зграда покрај реката Вардар. Пред еден месец, фирмата „Алдинг Инженеринг“ беше избрана за изведувач на доградбата на управното здание на ова јавно претпријатие, при што беше утврдено дека за завршувањето на овој објект ќе се потрошат финансиски средства во висина од 7,5 милиони евра. Зградата е со висина од 21 метар, ќе има пет ката и подземен паркинг со капацитет од 138 возила.

 

Советниците на опозициската партија СДСМ се спротивставија на донесувањето на одлуката за задолжување на ЈП „Водовод и канализација“. Според нив ова јавно претпријатие треба да посвети поголемо внимание на обновата на водоводната мрежа во главниот град, како и на замена на азбестните цевки. Наместо да се довршува, советниците на СДСМ предложија да се продаде идната управна зграда на ЈП „Водовод и канализација“. Ако се земе во предвид предвидената каматна стапка од 8 проценти на годишно ниво, тогаш излегува дека ова јавно претпријатие за десет години ќе треба да врати вкупно 10 милиони евра.

 

Наспроти овие тврдења, директорот на „Водовод и канализација“, Бојан Василевски рече дека задолжувањето е неопходно бидејќи веќе три и пол години тие плаќаат кирија во месечен износ од 25.000 евра. „Досега за изградбата на зградата е исплатено околу 2 милиони евра, а комплетната изведба ќе чини околу 10 милиони евра колку што беше предвидено на стартот. Одлучивме да се задолжиме за да не се стави претпријатието во незавидна положба, да не може да си ги плаќа тековните активности“, изјави директорот Василевски.

 

Изградбата на управната зграда на „Водовод и канализација“ започна во декември 2011 година, а првичниот рок за нејзино завршување изнесуваше три години. Поради банкрот на изведувачот на градежните работи, градилиштето е ставено во мирување уште од јуни 2013 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект