Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) денеска го објави јавниот повик за предлагање на можни добитници на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2014 година. Членовите на ААМ во наредните 90 дена ќе може да предложат стручни лица за доделување на признанието за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Предлогот треба да содржи куса биографија на кандидатот, детална професионална биографија со листа на референци со сите дела од областа на архитектурата и градителството со кои што кандидатот придонел за вкупниот развој на струката.
Сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани од страна на петчлена комисија избрана од Управниот Одбор на ААМ. Еден член од комисијата е од редот на досегашните добитници на наградата „Андреја Дамјанов“. Добитникот на оваа престижна награда ќе стане член на Архитектонската Академија на ААМ. Сите предлози треба да се достават во канцеларијата на ААМ на улица „Даме Груев“ 14а – Скопје.
Архитектонската награда „Андреја Дамјанов“ годинава ќе се додели по јубилеен 25-ти пат. Минатогодишен добитник на Наградата за животно дело и особени достигнувања во архитектурата и градителството беше пензионираниот професор на Архитектонскиот факултет, Михаил Токарев.