Покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во скопската населба Тафталиџе ќе се гради нов парк со површина од околу 32.000 метри квадратни. Градот Скопје, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“, го започнаа уредувањето на вториот дел од Паркот Македонија, на потегот од угостителскиот објект „Македонска куќа“ до индивидуалните куќи што се наоѓаат долж овој булевар. Целокупниот простор ќе се раззелени, ќе се засадат околу 800 нови садници, од кои околу 300 дрвја ќе бидат листопадни, а околу 500 зимзелени. Во паркот ќе се изведе нова хидрантска мрежа со 192 прскалки за полевање на зеленилото.
* извор: Град Скопје
Во идниот парк ќе се оформи трим патека со бела ризла и една асфалтирана патека со клупи за седење, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. Долж трим патеката ќе се постават фитнес справи за вежбање, а во склоп на овој простор ќе се инсталираат и детски реквизити направени од дрво, еко – реквизити, како и три летниковци. Со проектот е предвидено да се постави ново осветлување. Од градскиот буџет за новиот парк ќе се издвојат околу 15 милиони денари. На уредувањето ќе работат екипи на ЈП „Паркови и зеленило“, а ќе помагаат и екипи на ЈП „Улици и патишта“.