Додека ја чека испораката на новите 150 товарни вагони од словачката компанија „ЖОС Трнава“, Македонски железници – Транспорт се одлучи да реконструира дел од постоечкиот возен парк за превоз на стока во домашниот и во меѓународниот сообраќај. Фабриката за шински возила „Колска“ од Велес во наредните 12 месеци ќе изврши средна оправка на 60 товарни вагони што ќе се вклучат во редовниот железнички сообраќај. На дотраените вагони од сериите Eas и Kgs ќе се изврши средна поправка, која вклучува поставување на нов метален под, за што ќе бидат вложени 570 илјади евра.
Во меѓувреме, се очекува да пристигнат и првите 10 нови товарни вагони од фабриката во Словачка. Во согласност со предвидената динамика во тендерската документација за набавката, подновувањето на возниот парк ќе започне претстојново лето и во континуитет ќе се одвива на секои четири недели до крајот на 2014 година, за кога е предвидено да пристигнат сите 150 товарни вагони. Македонски железници – Транспорт во моментов располага со околу 950 товарни вагони во возна состојба.